Вардар. Синоним за Македонија, за спортот во нашата држава. Свето име, гордост, познато име насекаде во поранешна Југославија, во последните години и во Европа со успесите на ракометните тимови, и на фудбалскиот. Колектив кој што секогаш означува успех, титули, пехари. 

Вардар не би бил вистинскиот доколку би ја немал поддршката од своите верни фанови. „Комити“ и Вардар веќе 30 години се нераскинлива врска. Едните без другите не можат да се замислат, заслужни за успесите на сите колективи. 

Јуни 1987 година на натпревар помеѓу Вардар и Црвена Звезда се појавува првиот транспарент „Комити“. Тогашната навивачка група застанува зад генерацијата која ја „покори“ поранешна Југославија. Од тој ден па до денеска „Комити“ го следат Вардар секаде каде и игра. Имаат гостувано во секој град во Македонија, во повеќето градови во поранешната држава Југославија, а сега го бодрат нашиот тим во настапите во Европа. 

Денеска е голем ден за „Комитите“. На натпреварот со Пелистер кој што почнува во 18 часот ќе го прослават својот јубилеј, својот роденден. На западната трибина ќе се случува незаборавен „спектакл“ на најстарата и најверната навивачка група во Македонија. Нашите верни фанови своите 30 години постоење ги прославуваат во најуспешната меѓународна сезона на фудбалскиот клуб кој што за прв пат се најде во групната фаза на едно европско натпреварување. Вардар ја имаше поддршката и на сите гостувања, и во Малме, и во Копенхаген, и на незаборавниот натпревар во Истанбул против Фенербахче кога се случи најголемиот успех, а потоа и во групната фаза. Не беше проблем да се отпатуваат толку многу километри до норвешки Трондхајм и до Сан Себастијан во Шпанија за да се бодри омилениот тим, првата екипа од нашата земја која што успеа да се пласира во групната фаза и да направи историја не само за себе, туку и за Македонија.

Бидете и Вие денеска дел од роденденското славење на нашата навивачка група на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје. Дојдете на вечното дерби. На трибините ќе се случува славање, со надеж дека славењето ќе се случи и на зелениот терен со триумф во вечното дерби против Пелистер. Со голема поддршка да го направиме овој ден спектакуларен. Нашите навивачи заслужуваат ова да биде незаборавна вечер, и нема причина да не ја заокружиме со двојна радост на задоволство на сите. 

Вардар и „Комити“, љубов која што трае 30 години. И продолжува...

ФКВардар.мк