Навивачката група „Комити“ ја информира јавноста дека од денеска во 16 часот почнува официјалниот дел на прославата на 30-годишниот јубилеј од формирањето на најголемата навивачка групација на македонската сцена и 70-годишниот јубилеј на ФК Вардар.

„Првиот од низата настани предвидени во рамките на одбележувањето на овој важен датум почнува денеска во 16 часот пред спортскиот центар ‘Јане Сандански’ каде што навивачката група ќе организира распродажба на производите од својот фан-шоп и ќе им овозможи на сите вљубеници во спортот и нашата светост Вардар да си набават навивачка опрема и реквизити по симболични цени.
Прославата продолжува на мечот меѓу нашиот и европски ракометен шампион Вардар и германскиот противник Рајн Некар Левен кој е закажан за во 17:30 часот во спортскиот центар Јане Сандански“, велат во соопштението до јавноста од навивачката група „Комити“

Навивачката група ги кани сите поддржувачи на Вардар на централното одбележување на јубилејот.

– Стартот е закажан за во 15 часот на плоштадот „Македонија“ каде што „комити“ ќе ја организираат својата „Кафана на отворено“ и каде што и ќе почне загревањето за вечерното дерби против Пелистер. За гостите и присутните ќе биде обезбедена добра забава која ќе кулминира со заедничко „кортео“ до Арената „Филип Втори“ каде што во 18 часот е закажан мечoт против Пелистер со што и официјално Комити ќе наполнат 30, а Вардар 70 години. Ни претставува особена чест и задоволство како навивачка група да ги поканиме сите вистински љубители на спортот и ФК Вардар да ни се придружат.

Почитувани „комити“, вардарци, скопјани, Македонци… во годината кога нашиот клуб влезе во историјата на европскиот фудбал и во годината кога нашиот ракометен клуб се искачи на врвот на Европа, најмалку што можеме е достојно да му се оддолжиме со нашето присуство на овој исклучително значаен јубилеј – се вели во дописот од навивачката група „Комити“.