Колумна: Збогум стар пријателе...

Да пријатели, јас си одам. Го напуштам Скопје и патувам некаде „на запад“.  Животот и кариерата ме натера да пробам да си најдам среќата на улиците на еден град кој не е мој. Град во кој јас не сум роден. Град во кој ќе бидам туѓинец и странец засекогаш.  Таму ќе работам, но нема да се чувствувам како дома.

Тргнувам и размислувам за сето тоа што ќе ми недостасува во градот во кој што израснав и ја изградив мојата младост. Ако почнам да набројувам ќе зборувам цело деноноќие и тоа нема да биде доволно.

Секој град па и Скопје има убави и лоши страни. Но, овој пат ќе зборувам за убавите. Можеби кога ќе бидам некаде далеку, ќе седнам и ќе напишам нешто и за негативните страни на Скопје, но сигурно текстот ќе биде многу помал од овој.

Затоа, ќе почнам од галамата и метежот по улиците. На некого тоа му пречи, но мене ми е многу интереснио и затоа го сакам Скопје.

Понатаму ќе продолжам со луѓето во Скопје. Тие зрачат со неверојатна топлина, шарм и харизма. Зарем има нешто поубаво на овој свет од насмевките кои девојките срамежливо ги даруваат низ улиците во градот. Зарем има позабавен град од Скопје?

Ќе ми недостасува Водно. Прошетките кои секоја сабота ги правевме со пријателите уживајќи во сонцето кое ни даваше дополнителна сила да издржиме во нашите подвизи и предизвици.

Го сакаме кафето во Скопје. Ги сакам забавите во петок после работа. Го обожавам дружењето по скопските локали. Можеби се лоши, но не ги мразам гужвите низ скопските ноќни клубови. Убаво е кога има гужва, тогаш има повеќе дружење и енергија.

Ги сакам новита автобуси и новите улици во градот. Се восхитувам на Илиденска, на новиот кружен тек. Ми се допаѓа и ќе ми фали убавиот изглед на партизанска. Иронично ќе кажам, ќе ми недостасуваат врбите во Вардар и за жал нема да можам да ги видам сплавовите кои ќе „никнат„ во Скопје.

Го сакам ликот на Скопје кој секојдневно се менува. Сигурен сум дека еден ден градот ќе биде метропола на која сите ќе гледаат со многу почит.  Можеби се смешни сега, но еден ден сите барокни згради ќе раскажуваат една приказна, која сите ќе сакаат да ја слушнат.  Можеби се презирани во овој момент, но еден ден сите ќе се согласиме дека спомениците ќе му дадат на Скопје дух, кој ниеден град го нема.

Ќе ми недостасува друштвото старо и големо. Малските дружења.  Муабаетите и кафеаните полни со смеа. Навивањето за Македонија. Знамињата, енергијата. Ќе ми фали чувстото на патритиозам. Ќе ми фали градот во кој се навикнавме да славиме и победуваме. Ќе ми фали Александар и неговите војници, кој неминовно го прават горд секој скопјанец.

И тука застанувам. Ова се моите последни зборови напишано во овој град. Ако набројувам ќе има уште многу.

Те оставам граду да живееш со духот како и досега. Те молам немој да потклекнеш на лошите зборови кои поединци тенденциозно ги шират насекаде. Остани градот кои што ние скопјани многу го сакаме.

Кога ќе се вратам...сакам да те видам малку подновен и разубавен, но духот не го изгубиш никогаш.

Те сакам како најдобар другар.

Затоа ти кажувам... дека таму каде што ќе одам, ќе има се. Но, тоа се не е она што го сакам и што  ми треба.

Tи си величествен, убав, мал...но, мој единствен роден град.

Ветувам дека каде и да одам во светот, јас во душата сум македонец, а во срцето Скопјанец. Моето срце секогаш ќе биде тука.

Велат: Разделбите се тешки, но убави моменти – затоа што по болката ќе сфатиш дека си запознал квалитетен поединец.

...Збогум стар пријателе.