Колонада и скулптури на новата зграда на Народна банка

Новата барокна зграда на Народна банка ќе има впечатлива колонада на која на двата краја ќе се извишуваат скулптури, а една централна скулптура ќе биде на покривот од објектот.

Генерално, вака ќе изгледа новиот објект на чуварите на народните пари, ако се суди според мапата на туристички знаменитости во Скопје испечатена пред речиси три години. Тогаш, од кабинетот на гувернерот на НБРМ ниту демантираа, ниту потврдија дека токму така ќе изгледа новиот објект, а вчера, пак, оттаму не беа достапни за каков било коментар, пренесува Утрински.

Објектот ќе се гради по идејно решение на архитектите Никола Стакинов и Лазар Димов. Двајцата се автори на неколку фасадни решенија од „Скопје 2014“, меѓу кои на зградата на „Пелистер“, на административната зграда која се издигнува во паркот спроти хотел „Бристол“, автори се на трудовите за рефасадирање на повеќе станбени објекти на улица „Македонија“, „Никола Вапцаров“ и на булевар „Илинден“... 

НБРМ ја доби парцелата за градба преку Вардар откако претходно банкарите и' ја вратија на државата парцелата што им беше отстапена на плоштадот „Македонија“ пред „Лумикс“, на која првично беше предвидено да се гради црква. Тогаш, од Народна банка официјално, како причина за откажувањето, го наведоа неуспешниот обид да најдат соодветно идејно решение за зградата.