Колку треба да потрошиме во странство за да си земеме ДДВ?

Ако во Грција треба да потрошите најмалку 50 евра, во Хрватска сумата е 98 евра, во Италија 155 евра, но во Германија е само 25 евра. Сумата за која како посетител може да побарате поврат на данокот на додадената вредност (ДДВ) варира од земја во земја во Европската Унија, но и во светот. Парите што ќе ги вратите назад се всушност висината на процентот на данокот на додадена вредност во секоја земја поединечно, намалена за одредена провизија што ја наплаќаат службите што ќе ви ги исплатат.

Македонците се израдуваа на одлуката од минатата недела на Грција да ја намали минималната сума што треба да се потроши за да се врати данокот, од 120 на 50 евра. Но Македонија не е таканаречена такс фри земја, па ако странец физичко лице пазарува кај нас нема да може да си го земе ДДВ-то назад. Тоа им е овозможено само на фирмите ако потрошат минимум 500 евра.

Речиси сите земји на Унијата, но и други што не се членки, им овозможуваат на посетителите што купиле нешто на нивна територија, да добијат поврат на ДДВ. Варира само минималната сума што треба да е потрошена. Во Грција каде што всушност ние и најмногу пазариме, минималната вредност за купување на кое ќе се изврши поврат на ДДВ сега е 50 евра. Во Италија сумата е 155 евра, во Унгарија 170 евра, во Хрватска 98 евра, а во Романија 175 евра. Но секоја од овие земји има различна стапка на ДДВ, во некои земји е единствена за сите производи, во некои како и во Македонија, на пример, за различни производи се наплатува ДДВ со различна стапка. Освен од Унијата, од европските земји, како такс фри земји се определени и соседна Србија, Швајцарија, Норвешка, Франција и Велика Британија. Секако данокот назад може да се добие ако се пазари и во САД, но и во Виетнам, Аргентина, Австралија, Јапонија, Малезија...

Во рамки на Унијата, поврат може да остварат граѓани што не се жители на сојузот, па автоматски тоа важи и за Македонците. Според достапните информации, минималната сума што треба да ја потрошите во Германија за да добиете поврат е само 25 евра. Сумата треба да е потрошена во ист ден и во иста продавница, а исклучок се само книгите за кои минимално треба да се потрошат 30 евра. Инаку, стапката на ДДВ во Германија е 19 отсто, а за храна и за книги е 7 проценти. За поврат на ДДВ во Велика Британија треба да потрошите минимално 25 фунти, а даночната стапка е 20 отсто. За во Холандија минималната сума е 50 евра, стандардната стапка на ДДВ е 21 процент, додека за храна е шест отсто. Во Турција минималната сума е 100 турски лири плус ДДВ или речиси 28 евра. За овие пари назад ќе си вратите толку колку што е стапката на ДДВ намалена за одредена провизија или во оваа земја ДДВ-то за облека и храна е осум отсто, а за електроника е 18 евра. Во Швајцарија сепак мора да потрошите повеќе или минимум 300 швајцарски франци, додека данокот се пресметува со стапка од осум отсто.

За соседна Бугарија минималната сума е позиционирана на 250 лева или 125 евра, додека во Србија е 200 евра.