Резидентите можат во Република Македонија слободно да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари до 10.000 евра.  

Според информациите од Царинската управа, за да внесуваат 10.000 евра и повеќе, треба при преминот на државната граница кај надлежните царински органи го пријават износот на ефективни странски пари и чекови што го внесуваат.

Нерезидентите можат во Република Македонија слободно да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 10.000 евра.

Тие можат во државата  да внесуваат ефективни странски пари и чекови од 10.000 евра и повеќе, само доколку при преминот на границата кај царинските органи го пријават износот  што го внесуваат.

Резидентите можат да изнесуваат од Република Македонија ефективни странски пари и чекови до 2.000 евра. Тие смеат да изнесат ефективни странски пари и чекови во противвредност од 2.000 до 10.000 евра, само доколку при преминот на државната граница кај  царинските органи го пријават износот.

Ефективните странски пари резидентите ги изнесуваат врз основа на потврда од овластена банка или менувачница за купување на странски ефективни пари или врз основа на потврда од банка за подигање на девизи од сопствена девизна сметка.

Потврдата важи до првото преоѓање на границата, а најдоцна 90 дена од денот на издавањето.