Колку ќе чини лет со „Еуровингс“ од Скопје до Минхен?

Почнувајќи од 31 октомври, нискобуџетската авиокомпанија „Еуровингс“, членка на Групацијата Луфтханза, ќе отвори нова линија Скопје-Минхен поврзувајќи го скопскиот аеродром „Александар Велики“ со меѓународниот аеродром во Минхен, соопштија од „ТАВ Македонија“.

Како што најавија официјалните претставници на авиокомпанијата, најниските цени за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра, а рутата ќе ги поврзува македонските граѓани и сите патници на скопскиот аеродром со главниот аеродром во Минхен, аеродромот „Франц Јозеф Штраус“. „Еуровингс“ неодамна најави 10 нови прекуокеански летови од аеродромот во Минхен.

„Еуровингс“ ќе лета на линијата Скопје-Минхен двапати неделно, односно секој вторник и петок, со „ербас А320-200“, со капацитет од 174 седишта. Билетите за летовите на оваа линија се веќе во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

- На 31 октомври ќе се означи почетокот на нашите операции во Македонија со отворањето на линијата Скопје- Минхен како единствена воздушна конекција меѓу двата града. Среќни сме што Скопје се приклучува на нашата глобална мрежа од 150 дестинации. Веруваме дека оваа линија ќе обезбеди фантастични нови можности за зајакнување на релациите меѓу Македонија и Германија, а со тоа и дека ќе им овозможи на патниците од двете земји полесно да ги доживеат двата одлични града, Скопје и Минхен. Ги охрабруваме сите патници да ја посетат нашата веб-страница eurowings.com каде што може да се резервираат и да се купат авионските билети со цени кои почнуваат од 39,99 евра- изјави Иван Ореч, директор за развој на мрежата на авиолинии на „Еуровингс“.

Според Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“, ова е одлична вест за патниците и во Македонија и во Германија бидејќи ќе имаат уште еден директен лет што ќе ги поврзува двете земји.

- Ова исто така го означува и почетокот на работењето на „Еуровингс“ како нискобуџетска авиокомпанија на македонскиот воздухопловен пазар. Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе биде поврзан со главниот аеродром во Минхен, што ќе претставува одличен избор и можност за продлабочување на комуникацијата меѓу двата града. Друг важен факт за „Еуровингс“ како членка на Групацијата Луфтханза е што нашите патници, не само од Македонија туку и од регионот, ќе имаат дополнителни конекции и со Европа и на интерконтинентално ниво надвор од Минхен- изјави Ерсој.

Нискобуџетската авиокомпанија „Еуровингс“, со седиште во Келн, е членка на Групацијата Луфтханза. Сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји во Европа и е добро позната по одличната мрежа авиолинии до атрактивни туристички локации. Лета во многу држави во регионот, како што се Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Турција. „Еуровингс“ е најбрзорастечка авиокомпанија во 2017 година, а оваа година повеќе од 22 милиона патници ќе летаат со неа.

„ТАВ Македонија“ неодамна додаде шест нови авиолинии во својата мрежа на дестинации, која е во подем и на двата аеродрома, во Скопје и во Охрид. Преку „Александар Велики“ патниците од јули годинава се директно поврзани и со Рим, Малта и Ваксјо (Шведска) со „Визер“, а „Катар ервејс“, исто така во јули, воспостави директен лет до Доха. Летната сезона, пак, во главната туристичка дестинација во Македонија, Охрид, беше обележана со отворањето на новата директна линија до Катовице во Полска.