Колку чинат влезници за настапите на Македонија на ЕП во Полска?

Полската фудбалска федерација објави дека влезниците за престојното Европско првенство за фудбалери до 21 година ќе се пуштат во продажба на 21 февруари.

Како што е договорено помеѓу УЕФА и организаторите на ЕП во Полска, 84% од билетите ќе бидат распределени на фановите.

Истите ќе можат да се добијат на официјалната страна на првенството (u21poland.com), а максумумот на билети на еден човек за едно коло е ограничен на осум. Влезниците се поделени на две категории, за страничните трибини и за оние зад головите.

Доколку сакате да ја гледате Македонија во групната фаза ќе треба да одвоите скромна сум од 5,76 евра, додека цените за полуфиналето и финалето ќе бидат 6,95, односно 9,26 евра за страничните трибини. Што се однесува за местата зад головите на екипите, цените се 3,47 (групна фаза), 4,63 (полуфинале) и 6,95 евра (финале).

Европското првенство ќе започне на 16, а ќе заврши на 30 јуни и ќе се одржи во шест градови домаќини во Полска: Бидгошч, Гдиња, Киелце, Краков, Лублин и Тајчи.

Македонија ќе игра во групата Б заедно со Португалија, Шпанија и Србија, а ќе го отвори првенството со дуелот против „црвената фурија“ на 17 јуни со почеток од 20.45 часот.