Која опција е најисплатлива за затоплување во претстојнава зима

Греењето на станбена површина од 70 квадрати со дрва чини до 18.000 денари, со парно греење - 24.000 денари, со електрична енергија околу 25.000 денари, а со пелети околу 27.000 денари.

Грејната сезона официјално започна, а Скопјани ќе користат различни начини за затоплување на своите домови. Некои ќе го користат традиционалниот начин на затоплување - со огревно дрво, други кои набавиле котли ќе се греат со ќумур, трети со печки на брикети или пелети, некои пак ќе ги затоплуваат живеалиштата со електрична енергија, а оние граѓани кои се приклучени на централното греење ќе ги користат услугите на Балкан енерџи груп.

Огревно дрво

Кај најголемиот производител и дистрибутер на огревно дрво ЈП "Македонски шуми" велат дека цените на огревното дрво се исти како лани - 2.370 денари за кубик бука и 2.470 за кубик даб.

- Девет години цените не се применети. Од 2014 година објавуваме јавен повик за склучување на договори со приватни лица, пензионери, синдикати и отплатата оди во кеш или на рати. Досега имаме склучено договори за испорака на околу 300.000 кубни метри, а сме испорачале околу 50.000. Испораката во Скопје, како најголем консумент, ни е проблематична, но до почетокот на ноември ќе ги испорачаме договорените количини - вели Тони Јованов, помошник директор за комерција во ЈП "Македонски шуми"

Во приватните складишта огревното дрво е значително поскапо - од 3.000 до 3.600 денари во зависност од типот на дрвото, но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење.
Ако едно просечно домаќинство за една грејна сезона троши од 5 до 8 кубни метри дрво во зависност од временските услови, тогаш треба да издвојат од 13.000 до 18.000 денари.

Пелети и брикети

Со субвенциите што ги дава Град Скопје за купување на печки на пелети, одреден процент на граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој еколошки енергенс. Субвенцијата изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.

Јулијана Николиќ од стовариштето "Јавор Дени комерц" вели дека и покрај овој факт што Градот во огромен процент го субвенционира купувањето на печки на пелети, продажбата на енергенсот кај нив е незначително зголемена.

- Тон пелети од српско производство кај нас чинат 13.300 денари. Но, повеќе ги бараат пелетите од нашите фабрики во Виница и Делчево бидејќи се почисти. Сепак, нашите фабрики не се подготвени постојано да не снабдуваат со доволни количини во текот на сезоната, затоа ги набавуваме од Србија. Како и да е, трендот на замена на печките на брикети со печки на пелети оди со бавно темпо - вели Николиќ.

За затоплување со пелети на еден станбен простор од 70 квадрати, се потребни околу два тони за што се потребни околу 27.000 денари.

Парно греење

Затоплување со централно парно греење имаат привилегија само граѓаните во одредени општини на Скопје. Парното греење од први август годинава е поевтино. Најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп" (БЕГ) ја намали цената на греењето за 10,93 отсто, другиот снабдител на топлинска енергија „ЕЛЕМ енергетика" ја спушти цената за 11,59 отсто, а "Скопје Север" за 4 отсто. На годишно ниво цената се намалува за околу 3.900 денари за домаќинствата кои живеат во стан од 70 метри квадратни. Така, просечната сметка за стан од 70 квадрати изнесува нешто над 2.000 денари или околу 24.000 денари. Со тоа, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење. Дополнителна негативна страна е што не може да се штеди бидејќи радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома.

Електрична енергија

Струјата од први јули годинава минимално поевтини, што може да се каже дека греењето на електрична енергија ќе ги кошта Скопјани исто како и ланската огревна сезона. Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари.

Пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни и е во зависност од грејните тела. Оние што имаат централно парно греење или пак, користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја. Дури 80отсто од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство.

Од пресметките произлегува дека најевтино достапно греење кај нас и натаму е со огревно дрво. Експертите одамна укажуваат дека со развојот на гасоводниот систем во земјава би се намалила потрошувачката на другите енергенси на сметка на природниот гас како поефтин.