Кој ќе не снабдува со струја од Нова година?

Уште 9 дена можност за учество на тендерот за универзален снабдувач. Крајниот рок за аплицирање е 12 декември, кога јавноста ќе знае колку и кои компании конкурирале.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека софтверот за аплицирање на овој тендер е изработен според Законот за доделување концесии, а не според Законот за јавни набавки. Тоа значи дека сè додека не истече крајниот рок за пријавување тие немаат увид во бројката на поднесени апликации.

Од ЕВН велат дека сè уште не донеле конечна одлука за тоа дали и кога би доставиле понуда. Но, велат дека природно е компанијата да учествува на тендерот со оглед на тоа што ги исполнува поставените услови, а и до сега ја извршуваа таа дејност.

Во јавноста се појави информација дека грчкото електростопанство ПСС, компанијата што ја купи фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, е заинтересирана да учествува на тендерот. Оттаму сè уште немаме потврда дали конкурирале на јавниот повик.

Крајниот рок за избор на универзален снабдувач е 3 месеци по завршувањето на тендерот. Либерализацијата неодложно ќе стартува од почетокот на идната година, а во меѓувреме улогата на универзален ќе ја има досегашниот снабдувач.