Кој ќе го гради новиот луна-парк?

Градските власти уште не одлучиле кој ќе го гради новиот луна-парк. Постапката за избор на изведувач не е завршена, а набавката на реквизитите ќе се одолжи. И покрај заинтересираните компании, изведувачот се  уште се бира, а тендерот за реквизитите ќе треба да се повтори оти е поништен. 


 
Неодамна  од Град Скопје  информираа дека седум фирми се заинтересирани да го градат паркот, а три биле подготвени да ги испорачаат реквизитите. Сите компании биле македонски. Од Градот не сакаат да прецизираат кога ќе завршат и двете постапки. Сепак, постојат реални шанси паркот да почне да се гради годинава. 

Инаку, градските власти бараат фирма за изведба на првата фаза од забавниот парк, т.е. за инфраструктурните работи. Проценето е дека тоа ќе чини околу 1,4 милион евра. Проценетата вредност, пак, за изведба на целиот проект (паркот со сите комплетни содржини и реквизити) е 6,5 милиони евра. Со проектот треба да се избере изведувач за градежни работи за партерно уредување со надворешна инфраструктура во забавниот парк и за изградба на придружни објекти, влезен портал, гардероби, работилница, магацин и тоалет. Планирано е паркот да се опреми со два адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити.

Градските власти одлучија сами да ја финансираат изградбата, иако претходно се најавуваше и владина помош. Новиот луна-парк ќе се протега на површина од 82.000 квадратни метри, на местото на постојниот.