Кој ја уништува градската опрема?

Уништена е дел од опремата околу соларното дрво на Кејот на Вардар. Скршен е ормарот во кој се сместени уредите, при што е украдена внатрешната опрема и батериите за работа на ова соларно дрво (полнење на електрични тротинети и други е – уреди).

Искршени клупи, канти за ѓубре, канделабри или друг вид градска опрема се секојдневна слика. Во изминатиот период сведоци сме на свесно уништување на новопоставената урбана опрема, крадење на украсни растенија и новозасадени дрвја.

Зелените површини во Скопје се мета на несовесни граѓани. Вандалите ја уништуваат урбаната опрема во парковите и на улиците. Од Ј.П „Паркови и зеленило“ велат дека демолирањето доведува до дополнителен трошок.

Скопјани велат дека понекогаш се сведоци на тоа како млади момчиња се однесуваат агресивно и кршат.  Повозрасните деца ги кршат и ги уништуваат реквизитите за забава наменети за помалите деца во детските игралишта. Резултат од ваквите дејства е уништено јавно добро што ни користело на сите, а за кое потоа повторно треба да се потрошат пари на граѓаните.

Најголемиот дел од уништените добра се набавени со пари на граѓаните – буџетски средства и затоа треба сите да бидеме одговорни и свесни за тоа што го правиме.