Кој ја краде мојата среќа?

Отвораме Фејсбук и гледаме многу насмеани лица, подароци, мажи полни со внимание и изненадувања, жени кои се згодни и совршени домаќинки, но и посветени мајки. Сите се сакаат, никогаш не се расправаат, сите се толку среќни.

Сите делуваат посреќно од нас.

Пред да се убедите дека сте најнесреќната личност на светот, сетете се дека тоа што го гледате  на Фејсбук не е баш секогаш вистина. Ако некој делува толку среќно, можеби и е среќен, но често вистината е далеку од тоа. Пред да донесете погрешни заклучоци размислувајќи за туѓите животи и споредувајќи се со нив, размислете малку за вашиот.

Го преценувате значењето на случувањата во ВАШИОТ живот

Луѓето често веруваат дека другите луѓе се многу посреќни, а дека нивната среќа е условена од некаква ситуација која треба да се случи понатаму во иднина. На тој начин, тие мислат дека без тоа, нивните животи се несреќни. Сепак, многу често забораваме дека среќата е во малите нешта кои ни се случуваат на дневното ниво, а кои многу често ги занемаруваме бидејќи очекуваме големи нешта, како нов партнер,  запросување, брак, унапредување, дете и тн. Сепак, многу истражувања покажуваат дека иако ваквите работи носат среќа, сепак тие носат интензивни емоции кои не ттаат долго. Тоа значи дека по одредено кратко време, луѓето се враќаат на своето основно ниво на среќа. Токму основното ниво на среќа зависи од оние мали работи на кои забораваме.

Се насочуваме на негативните работи

Можеби пет личности ќе ни дадат комплимент за тоа како изгледаме, но ако само една ни каже дека сме се здебелиле, сите мисли ќе ги насочиме кон тоа. Луѓето имаат тенденција да не ги забележуваат убавите работи кои им се случуваат, а претерано да размислуваат и анализираат за некои работи кои всушност и никогаш не се претвораат во вистински проблеми. Затоа, на што ќе се насочиме зависи од нас. Тоа е одлука од која зависи нашата среќа и нашата благосостојба.

Многу високи очекувања

Која ја замислуваат иднината, голем дел од луѓето идеализираат мислејќи дека тоа треба да биде како некој филм кој го гледале. Очекуваат големи работи од себе и од другите, а често не можат да го постигнат тоа поради различни фактори. Од себе очекуваат да бидат беспрекорни на работа, да направат совршен баланс меѓу семејството и работата. Понекогаш, очекувањата се уште поголеми од другите луѓе. Но, животот ни покажува дека не можеме да добиеме се така лесно. Светот и овака е добро место за живот, но секогаш сакаме повеќе. Иако не е совршен, сепак тој нуди многу можности за среќа.