Кој е виновен, оние кои се задолжени за чистење или оние кои фрлаат?

Сите си ја префрлаат топката од еден на друг. Но, само едно е очигледно. Скопје е далеку од зелено и чисто. Кој е виновен за ваквата ситуација? Дали оние кои чистат или пак оние кои фрлаат? 

Кој е виновен за хигиенскиот хаос во македонската метропола, зошто граѓаните кон градот од аспект на чистотата се однесуваат како да се само на минување, зошто институциите недоволно едуцираат, а потоа и чистат и како да го промениме тоа.

Обвивки од слатки, хартиени марамчиња и пластични шишиња што се рециклираат речиси во цела Европа, во Скопје се вообичаена слика на улиците. Улогата на кантите за ѓубре останува занемарена, а отпадоци има и во парковите, на трева, на клупите, на станиците, во автобуси, во училишта и во градинките.

Страшен е податокот дека само во Скопје има неколку стотини диви депонии. Едни се затвораат, други се отвораат. Селата што гравитираат околу Скопје се посебна приказна, тие си имаат свои депонии што опстојуваат со години и кои се извор на болести.

Во „Комунална хигиена“ има 1.058 вработени, од кои 150 сезонци ангажирани преку Град Скопје и 250 преку Агенциите за привремено вработување. Повеќето од нив се вработени во секторот за хигиена (метачи, возачи, собирачи), а преостанатите се во секторот за одржување и во административниот дел.