Кој е Оливер Спасовски: Од технички министер во минатата до технички премиер во сегашната влада

Централниот и Извршниот одбор на СДСМ вчера вечерта на одделни седници одлучија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да биде технички премиер во преодната влада од 3 јануари 2020 до формирањето на новата влада по изборите во април.

Заблагодарувајќи се на дадените доверба и поддршка, Спасовски преку „Фејсбук“ рече дека има само една желба.

Мојата желба е да бидам што пократко на таа позиција за што побрзо да се врати претседателот Зоран Заев. Одиме на победа!, порача Спасовски.

Оливер Спасовски (р. 21 октомври 1976 во Куманово) — македонски политичар и актуелен министер за внатрешни работи на Република Македонија. Оваа функцијата ја извршува во два кратки периода. На функција стапил на 2 септември 2016 година до 12 декември 2016. Претходно, во периодот од 11 ноември 2015 до 19 мај 2016 ја извршувал истата функција, по договорот од Пржино.[1] Оливер повторно стапува на должност како министер за внатрешни работи на Македонија на 1 јуни 2017 година кога парламентарното мнозинство ја изгласа новата влада на чело со Зоран Заев.

Спасовски е роден на 21 октомври 1976 во Куманово. Основно и средно училиште завршил во Куманово. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, по што работел како адвокатски приправник, советник на градоначалникот на Куманово и секретар во општина Куманово. Во два мандата е избиран за пратеник, на изборите во 2006 и во 2011 година. На парламентарните избори во 2016 година бил носител на листа во изборна единица 2, предводена од коалицијата на СДСМ.