Кои се вашите права доколку работите прекувремено?

Прекувремената работа претставува работа која се врши преку утврденото полно работно време.

Според Законот за работни односи работодавачот може да побара од работникот да врши прекувремена работа во следните случаи:

1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;

2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;

3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;

4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот

5) во други случаи определени со закон или колективен договор.

Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

За работниците од Министерството за внатрешни работи, кои вршат посебни должности и овластувања согласно со посебен закон, прекувремената работа може да трае подолго од 190 часа годишно, поради извршување на итни и неодложни работи, по претходно дадена писмена согласност на работникот.На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.

Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот и за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот.

За вршењето на прекувремената работа на работникот му следува надоместок како додаток на основната плата утврдена во договорот за вработување.

Основната плата на работникот се зголемува по час најмалку за:

– прекувремена работа ………………………………………………… 35%

– работа ноќе………………………………………………………………… 35%

– работа во три смени ……………………………………………………. 5%

– работа во ден на неделен одмор.. ………………………………. 50%

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со  закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога  во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа  зголемена за 50%.

Додатоците, меѓусебно не се исклучуваат .

Правото на зголемен надоместок по основ на работа во три смени работникот го остварува само за ефективно проведено работно време во смени.