Кога звукот на тишината најмногу боли: Зошто одлучив да останам сама?

Ми стигна порака од еден пријател и јас долго ја читав, едноставно не знаев како да ја сфатам и прифатам, но сега ја сфаќам како охрабрувачка порака.

Сѐ уште сум во својот предолг глув период кога се истражувам и барам себеси, додека пак пријателот успеа да дефинира сѐ со една порака и една реченица.

„На ова ќе ти кажам само една работа: Подобро да живееш без нешто опипливо, но со силни чувства, отколку со нешто опипливо, но без чувства... чувај го тоа...“

Признавам дека ме замисли, затоа што, ете, конечно некој ја дефинираше мојата одлука за самотија, мојата одлука да не дозволам сосема да избледи болката што повеќе те нема, мојата одлука дека без силни чувства, топлина и прегратки нема смисла за да се залажувам, мојата одлука да истрајам сѐ додека љубовта не биде двосмерна во својот сјај и блескање.

Му реков само една работа: Звукот на тишината најмногу ме боли...

Секако дека боли, со месеци нема тон, боја, мириса, вкус... а не знам зошто. Не можам, не сакам, не знам... знам само дека моите соништа порано беа само фантазија, а порано често се залажував и се занесував дека е можност да остварам барем дел од нив.

Колку беше убаво да се сонува во твојата прегратка, додека те гледав како ми се смееш, како ја гушкаш перницата, како ми трепкаш со очите, како ми кажуваш дека ти недостигам. Но, не сум твоја играчка, не сум подготвена за игри, не сум подготвена за празен живот, не сакам без љубов да споделувам живот. Ти за мене стана мит, нереален сон и само желба. И сега те нема, па затоа и се прашувам: „Дали некогаш навистина те имаше“. Малку по малку сфаќам дека сѐ тоа беше твоја игра и забава... И помина многу време и дури сега можам да ги гледам твоите слики без солзи, без болка, а ми требаше толку време да исплачам толку многу солзи. Престанав да ги бројам часовите, деновите, неделите, месеците.

Дали го сакав тоа? Не, но морав некако да се одбранам и едноставно се случи. Повеќе нема солзи, нема липање, нема стегнување на душата. Сепак, сѐ уште сакам да те видам, да ги почувствувам твоите нежни прсти во мојата коса, на рамената, на лицето. Сѐ ме боли. Сѐ уште и премногу. Се обидувам да не мислам, а сепак милион ситници ме потсеќаат на тебе, не си мит, сѐ уште не избледе од мојот ум, никој не успеа да го заземе твоето место, а автосугестијата само повремено делува.

Каде си, што правиш, дали некогаш помислуваш на мене? Тоа се прашања на кои помислувам, но никогаш нема навистина да ти пишам и да те прашам.

Уште еден ден се раѓа, а јас будна го дочекав, како и безброј пати претходно. Секогаш ги мразев утрата и зорите, будењето без тебе, се мразев себеси што чекав да се јавиш, а знаев дека нема да го направиш тоа, го мразев секој нов ден и својата слабост, мојата немоќ и мојата фантазија и соништа кои ме влечеа само кон тебе. Ти ја поттикна мојата фантазија, а потоа исчезна, без траг, без поздрав, без наговестување.

Морам да бидам одлучна, морам да си го зацртам патот. Нов, непознат, предизвикувачки и непредвидлив, кон целта која сѐ уште ја немам дефинирано, кон себеси, кон некој нов живот и битисување. Не е лесно, ниту едноставно, затоа што на секој агол те гледам тебе и ми изгледа како да ми велиш: „Тука сум, јас сум кочницата која не ти дозволува да одиш напред.“

И понекогаш седам и се прашувам: „Дали сум поцврста, поодлучна, похрабра?“ Најверојатно сум, затоа што си признав самата на себе дека си мит, неостварена желба, дека никогаш не си помислил на нешто што се вика „НИЕ“, а тоа објаснува сѐ.

Ми требаше време, анализирање, преиспитување, читање, учење, но резултатот е тука. Чекорам стабилно и цврсто, сама, посветена на мојот мал универзум, на моето семејство и на себе. Кој е рецептот? Почнав да го користам зборчето ЈАС. ЈАС ќе одам да прошетам. ЈАС ќе готвам што сакам. И почнав полесно да дишам, постојам и живеам, без тебе, затоа што јас можам сѐ, јас сакам и јас морам. Дали анализирам премногу? НЕ! Дојдов до крајот и повеќе немаше каде да одам.

Секогаш имам некои грижи, често сум под притисок, но одам само напред, не се вртам, не застануван, не те очекувам, барем не повеќе...

Така е убаво кога сум надвор, меѓу луѓето... Знам, морам, затоа што јас можам сѐ...