Кога треба да финишира изградбата на пругата кон Бугарија?

Македонија и Бугарија повторно поставија рок за меѓусебно железничко поврзување кое се најавува над две децении од повеќе влади во двете држави.

За осум до десет години, меѓу 2025 и 2027 година, треба да финишира изградбата на пругата од македонска страна која опфаќа три делници: Куманово-Бељаковце, Бељаковце-Крива Паланка и Крива Паланка- граничен премин Деве Баир, и од бугарска страна од Ѓуешево до македонската граница.

Динамизирање на активностите со Договорот за транспортна заедница

Железничката линија меѓу Скопје и Софија со којa се заокружува источниот дел од Коридорот осум е најголемиот проект што се реализира по потпишувањето на Договорот за траспортна заедница со кој беа одвоени 70 милиони евра за втората делница на оваа железница, на потегот од Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека Владата на РМ е силно посветена на реализација на овој исклучително значаен проект. Во таа насока, потенцираат, беа и заложбите да се постигне заеднички договор со Владата на Бугарија преку потпишување на Меморандумот со кој и двете страни ќе се обврзат да ги изградат делниците што недостасуваат.

-    Проблемот со експропријацијата за втората делница во добар дел е надминат и почнат е процес за претквалификација што е поврзано со  одвоените 70 милиони евра со цел да ја забрзаме динимиката на работа. Основно е да се динамизира процесот со оглед дека  третата делница за пругата од Крива Паланка до Бугарија, е најкомплицирана и најскапа иако е со најмалку километри, изјави македонскиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески.

Изградбата на пругата во Македонија е почната во 1994 година. За таа намена се одвојувани пари од државниот Буџет се до 2004 година, кога беше стопирана изградбата. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно проектот.