Светски познатиот оперски пејач Игор Дурловски, кој од органите на прогонот и судските власти во Македонија е осомничен за тероризам, затоа што на мирните протести на  граѓанската иницијатива “За заедничка Македонија” 75 дена ја пееше химната на државата, и покрај се, не го загубил позитивниот поглед на нештата.

Како што пренесува Република, терористот Игор, кој во затворот Шутка престојува со безбедносна мерка од 30 дена притвор за дело по член 313 од Кривичниот законик, кое предвидува минимална казна затвор од 10 години, работи во својата професија.

Игор Дурловски беше првиот за кого јавноста дозна дека му е одредена мерка притвор. Во истата минута тој дури и за колегите од национален уметник стана државен непријател и терорист. Никој од нив не се запраша каде е семејството на првенецот на МОБ и како тоа се справува со целата ситуација,  никој од нив не навлезе во фактите каде беше Игор на 27 април и кога Игор се повлече од протестите претходно. Сепак, се поочигледно е дека семејството Дурловски има сопствен начин на справување со ситуацијата.

Во затворот во Шутка деновиве Игор ѝ се врати на својата професорска работа – му држи часови по оперско пеење на еден од цимерите осомничен за обид за убиство. Според информациите, цимерот на Дурловски ја изучува аријата на Фигаро од операта „Севилскиот берберин“ на Росини, а Игор не ја избрал токму оваа арија случајно, зашто таа е една од највпечатливите во која се испреплетува комедијата во музиката.

Патем, ова не е прва “поставка” на Дурловски на овој наслов. Тој за време на своето раководење со Македонската опера и балет премиерно го постави ова дело и на националната сцена.

Според нашите информации, иако Игор дава се од себе, цимерот и не покажал голем вроден талент за опера, но дефинитивно останал на својот став да ја оствари својата голема желба да пее.

И додека деновиве некој „пее“ за пари, некој под уцена и за „спас“, Дурловски пее од мерак, онака како што се пее кога зло не се мисли.