Кога ќе минувате низ животна криза и кога ќе исчезнат луѓето кои некогаш биле покрај вас...

Кога ќе минувате низ животна криза, апатија или малодушност, кога ќе се уморите од паѓања и станувања на патот кон своите соништа, кога ќе исчезнат луѓето кои некогаш биле покрај вас и кога ќе останат само оние кои ви подметнуваат нога за да ве сопнат, не се предавајте, туку мотивирајте се себеси.

Мотивирајте се себеси такашто ќе си кажете дека не е важно мислењето на другите, оние кои се хранат од вашите падови, не е важно што другите не ви ракоплескаат, што не ве поддржуваат и не се покрај вас. Важни се вашите цели до кои треба да стигнете и луѓето за кои ќе го направите тоа затоа што тие ве сакаат. Само тие се важни!

Ќе си кажете себеси дека не е важно ни тоа што сте се умориле, затоа што уморот е знак дека нешто добро сте направиле, важно е да знаете дека треба да одморите, а потоа уште поенергично да тргнете напред. Најдете време за себе, за својата душа и тело и сѐ во вас нека дојде на своето, а потоа придвижете ја вашата внатрешна сила. Не се откажувајте поради умор, само земете здив и по некое време сѐ ќе се врати во нормала. Само бидете доволно трпеливи и издржете додека е најтешко. 

Кога ќе минувате низ животна криза, не се прашувајте зошто баш на вас ви се случува тоа, колку длабоко може да паднете, не се прашувајте каде се луѓето кои некогаш ве поддржувале, туку најдете некаква причина за да бидете посилни од моменталната болка. Причината која ќе ја пронајдете ќе ја промени вашата перцепција, ќе ве натера да поставите поинакви прашања и да не се гледате себеси како жртва, туку како некој кој има избори во животот и ги користи тие избори.

Кога ќе минувате низ животна криза, знајте дека има причина за тоа и дека само затоа што во моментот се наоѓате во ноќта на својот живот, не значи дека наскоро нема да изгрее сонцето и конечно ќе сфатите дека сѐ е дел од еден многу поголем процес кој ние не го разбираме, а кој ни е потребен за да бидеме посилни и да ги совладуваме сите предизвици кои животот ни ги поставува.

Бидете уверени дека наскоро доаѓа победата, а вие сте тие кои сте заслужни за тоа!