За градот
11. Јануари 2017 - 15:23

Kога кај нас би било минус 7 како во Скопје, би шетале по кратки ракави

Родена сум и живеам во Јакутск. Јакутија е најстуденото место на Земјата, каде што температурата достигнува и до -72 Целзиусови степени, вака го опишува својот роден град младата Наријана Сабарајакина, асистентка во компанија за мобилна комуникација за Дневник.

-Оваа зима најниската температура достигна до -50 степени. Во моментов на улица е - 44 Целзиусови степени и да, тоа е студено, но денес немаше магла, а ветувањата на метеоролозите се дека на крајот од неделата ќе затопли и температурата ќе достигне до -30 Целзиусови. Целото население во Јакутија е многу среќно и на овие температури може да одат и да се прошетаат на тобоганот од мраз. Зимата почнува кон крајот на октомври, тогаш паѓа и првиот снег, и ќе трае до март. Зимата трае 6 месеци. Точно е дека на вакви места мора добро да се внимава на облеката, па сите ние што живееме тука мора да носиме панталони и палта од памук, имаме специјални чизми од топло крзно, кои можат да издржат студ до 50 под нулата. На работа одам пеш, куќата ми е оддалечена од компанијата само 15 минути пешачење - вели Наријана.

Наријана вели дека Јакутск е мал град (веројатно според руски стандарди, иако тврди дека градот има 400.000 жители), но има се што треба за модерен живот.

- Имаме училишта, гимназии, детски градинки, кои се отворени и кога температурата е -50 степени. Тоа е нормално. Имаме толку многу ресторани, кафулиња и голема љубов кон јапонската кујна, суши. Но, јадеме повеќе месо, телешко, месо од млад коњ, дури и месо од мечка, но многу ретко. Вотката не е за нас, ние пиеме чај. Носиме јакни што имаат 80 отсто пердуви од канадска гуска. Топли панталони со памучна вата и пријатни чизми од крзно. Е тогаш може да преживееме - додава убавата млада девојка со коси очи.

Таа вели дека сите улици се чисти како во пролет, нема сообраќаен метеж и покрај за нас, Македонците, невозможните минус 50 степени.

Таа додава дека имаат и лето, кое топло и суво, некогаш температурата достигнува плус 30 степени.

- Имаме градската плажа, понекогаш се случува целиот град да се разладува во вечерните часови. Летото трае 3 месеци, а потоа, по само 2 месеца есен, повторно зима - додава таа.

Димитри Аргунов, новинар во локалната телевизија, вели дека има стан во градот и куќа на периферијата.

- Станот е загреан со централниот систем, а куќата има сопствено греење, имам и автомобил, но не е да се остава на отворено. Во секој случај, како и да се загреваат по дома, луѓето овде за да ја преживеат зимата, мора да носат јакна што ја викаме парка, која иако е од пердуви од канадска гуска, е руски бренд. Обувките ни се традиционални од еленска кожа, капите од крзно, ракавици... и, се разбира, јадења од месо, месо и само месо. Вклучувајќи и замрзнато коњско месо и риба. Додека надвор е минус 50, кај мене дома е плус 27. Тука, во Јакутск работат многу луѓе од јужните земји, на пример, од Таџикистан, и немаат проблем со студеното време. Луѓето се флексибилни, за која било состојба. На минус 44 степени функционираат сите социјални и услуги за одржување на градот. Денес очекуваме температура од минус 50 и сончево време. Мој совет е два слоја за облекување, прво на кожата памук, а потоа вообичаена облека за зима. Нозете се најважни, само топли обувки - вели Димитри.

И Денис Терентев вели дека ако во Јакутск температурата е минус 7 како во Скопје, тоа за нив значи пролет. На таква температура, според него, најверојатно ќе има луѓе и со куси ракави.