Кога барем за момент ќе го забележиме ова, тогаш животот ќе започне за нас

Бидете она што сте. Тоа е сѐ што треба да направите. Тоа е доволно. Нашата неавтентичност е она што ни создава болка. Нашите услови за живот не се наши пријатели. Тие се наши непријатели. Тие нѐ држат заклучени во несреќни пози, играјќи улоги кои ја намалуваат нашата величественост.

Она што сте, без измислици и изговори, тоа е доволно. Тоа е убавина и моќ. Човечкиот род е програмиран за беда. Нашиот ум, програмиран за решавање проблеми, секогаш наоѓа проблем. Решенијата лежат во креативноста, а таа доаѓа од некое друго место, место каде постојат свежи перспективи, каде има надеж во изобилие.

Овој свет е само сон, а ние, вака несреќни, го претворивме во кошмар. Во секој момент, во секое време, можно е да се упатиме кон промени, да се обновиме, да добиеме енергија и да тргнеме кон еден побогат и подобар правец, правец кон исполнување. Но, ние ретко ја цениме нашата оригиналност, која е единствена на овој свет, затоа што сме приморани да следиме некои ограничени шаблони и создаваме ограничени искуства.

Ние трчаме по цели денови, не доживуваме ништо, нашите глави се наведнати од грижи и кога конечно ќе се ослободиме од некоја болка во срцето, некоја друга трча да го заземе нејзиното место. Никој не е среќен, а светот е место полно со неволји. Ние сме обликувани на таков начин. Уште од деца нѐ насочуваат дека мораме да се прилагодиме на бесмислени ритуали и ограничувачки шаблони.

Луѓето го игнорираат фактот дека ќе умрат, а и самиот свет можеби некогаш ќе исчезне, затоа што колективните сили на хаосот изгледа секогаш ќе бидат тука, но колку малку од нас, навистина живееле, без да му прават штета на светот со своите тегоби?

Денес можеби и сонцето силно блескало или дождот ни го допирал лицето, птиците летале над нас и цвеќето мирисало додека сме се враќале дома, но дали некој го забележал тоа? Зошто не гледаме извонредност и во најобични работи?

Тоа е затоа што не сме онаму каде што сме, туку на некое друго место, жалејќи за минатото и плашејќи се од иднината.

Никогаш не можеме да бидеме на друго место, освен овде и не постои друго време, освен сега, а ние никогаш не сме биле некои други, освен она што сме сега.

Кога барем за момент ќе ја забележиме големината на сопствената присутност, тогаш животот навистина ќе започне за нас.