Кое било Крањево маало во Скопје?

Крњево маало било познато по  старата воена болница “Полумесечина”. На крајот од Болницата се наоѓала Кумановската трошарина каде што била и Стара нова бања. Во Стара нова бања се бањале девојките и момчињата пред армасување. Таа била маалска бања, каде што мажите се бањале во вторник, а жените во сабота. Во останатите денови од неделата, жителите на ова маало се бањале дома во корито.

Друго обележје на ова маало била познатата Саат кула.

Маалото Крњево е познато и по многумина занаетчии родени во ова маало: Борислав Стоилковски- Раштавец, автолимар, Киро Стојановски, брат на народниот херој Коце Стојановски-Металец и Славе Атанасовски,  работник и др.

Во маалото имало бавчи за тутун, афион, арпаџик, житарици, најубави овошки, градини за ран зеленчук, леи под стакло од каде што се снабдувале скопските пазари.

Во маалото Крњево имало најмногу кафеани, како “Врњци”, “Жарла”, “Гавро”, “Алки”, “Светозар” (бордел со кукли – лесни жени)  каде што се организирале  игранки за млади луѓе. Тука свирел Александар Сариевски, “Саријата”, прочуен пејач на македонски народни песни. На двата брега на р. Вардар се наоѓале плажи, кои крњевчани ги делеле со  маџирмаалците.