Интервју со Коце Трајановски, Градоначалник на Скопје: Одлична забава за сите кои ќе останат или ќе го посетат Скопје

Температури до четириесетиот степен, пеколни горештини во главниот град но, и покрај високите температури летото носи посебна магија и многу забава. Тие што во текот на месеците август и септември ќе бидат во Скопје, воопшто да не се грижат, Градот Скопје не ги заборави, со оглед на тоа дека овие два месеци ќе бидат организирани голем број на забави во угостителските објекти. Проектот „Супер Скопје“ е новина за граѓаните на главниот град, создадена и финансирана од Градот Скопје со поддршка и соработка од угостителските објекти.

Главниот град во наредниот период ќе биде центар на случувањата, Супер купот, Пивофест, „Супер Скопје“ се само дел од настаните на кои ќе можат да уживаат жителите и посетителите на Скопје. Во разговор со првиот човек на Градот, градоначалникот Коце Трајановски, тој откри кој е иницијатор за новиот проект „Супер Скопје“ , што да очекуваат граѓаните од проектот, дали граѓаните да очекуваат намалување на цените на пијачките, како се подготвува Градот за Супер купот ќе можете да откриете во продолжение на интервјуто.

Скопје инфо: Проектот „Супер Скопје“ звучи навистина супер. Што точно ќе се случува во рамки на проектот?

Коце Трајановски: Целта на проектот „Супер Скопје“ е да понудиме одлична забава и голем број на настани во текот на целото лето за сите оние кои ќе останат или ќе го посетат Скопје. Целта е во текот на месец август и дел од септември, секој викенд(петок и сабота) на различни локации жителите и посетителите на Скопје ќе имаат можност да проследат голем бројна концетри и други културно-уметнички настапи.

Супер Скопје ќе започне на 7 август, со отворањето на 10-то јубилејно издание на Пиволенд, каде и оваа година на Скопското кале сите ќе може да уживаат во одлично пиво, скара и музичка програма. Како една од музичките атракции кои ќе настапат на скопскиот Пиволенд сакам да Ви го најавам белградскиот состав С.А.Р.С кои ќе настапи на 12 август во сабота.

Потоа на 18 и 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, на 25 и 26 август во Старата Скопска Чаршија, на 1 и 2 септември на улица Македонија и на 8 и 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало.

Скопје инфо: Од каде идејата за еден ваков проект, сметате ли дека градот е осиромашен за добри забави? Кој беше иницијатор на проектот?

Коце Трајановски: Овој проект доаѓа на иницијатива на сопствениците и менаџерите на угостителските објекти, со кои имаме одлична соработка. Ние како Град Скопје одржуваме редовни средби на кои дискутираме за повеќе теми и разменуваме мислења и идеи за подобрување на состојбата со забавниот живот и понуда во Скопје. Една од насоките каде што доминираа нивните предлози, е дека треба да се зголеми културно-забавната понуда, пред се во летниот период. Сметам дека на овие средби тие ни дадоа голем број одлични идеи, од кои произлезе и концептот за проектот „Супер Скопје“.

Сакам да потенцирам, дека Градот Скопје го финансира овој проект, додека програмата ја креираме во соработка и на предлог на сопствениците и менаџерите на угостителските објекти, бидејќи сметаме дека тие најдобро се запознаени со музичките вкусови на посетителите на локалите.

Скопје инфо: Со оглед на тоа дека ваши партнери се угостителските објекти, односно нивните сопстевеници и менаџери, можат ли посетителите да очекуваат намалување на цените на пијачките?

Коце Трајановски:  Ние ќе направиме се што е во наша надлежност да ги подобриме условите за забава и ноќен живот во Скопје, како за нашите граѓани, така и за сите посетители и туристи.

Сакам да најавам дека како една од мерките кои ќе ги предложам како градоначалник на Скопје, а во насока на подобрување на забавниот и ноќен живот, е продолжување на работното време на угостителските објекти на територијата на Скопје за еден час за времето додека трае проектот „Супер Скопје“ . Ова е мерка која ја бараа угостителите на нашите редовни средби и се надевам дека истата ќе биде прифатена и ќе даде позитивни резултати.

Скопје инфо: Супер купот, проектот “Супер Скопје“, Пивофест се само дел од настаните кои ќе се случуваат на територијата на Скопје, подготвен ли е Градот за сите споменати настани?

Коце Трајановски: Во летниот период во Скопје се случуваат голем број на културни, забавни, спортски и друг вид на манифестации и ние како Град Скопје ќе направиме се што е во наша надлежност за истите да поминат во најдобар ред. Покрај горенаведените, треба да се споменат и бројните настани коишто се одржуваат во рамките на 28-то издание на „Скопско лето“, каде во текот на 40 дена пред публиката настапија и ќе настапат околу 900 учесници во 52 програмски термини. Тука пред публиката ќе се одржат концерти на класична, народна и џез музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери, содржини презентирани од домашни и изведувачи од 16 држави во светот.

Покрај „Скопско лето“, можам да истакнам дека Градот Скопје изминативе неколку години организира голем број на спортски манифестации во овој период, а како поинтересни би ги напоменал одржувањето на турнири во одбојка и ракомет на песот, коишто се одржуваат на спортските игралишта на Градската плажа „Парк“.

Скопје инфо: На крајот: освен „Супер Скопје“ што се друго презема градот во пресрет  на Супер Купот и дали сме подготвени за овој настан?

Коце Трајановски:  Одржувањето на фудбалскиот УЕФА Супер Куп е настан којшто е од исклучителна важност за Скопје и Република Македонија и во организацијата на овој настан се вклучени голем број на инстутиции.

Ние како Град Скопје, преку нашите јавни претпријатија интензивно работиме на подобрување на условите за одржување на овој настан, преку засилени активности на терен. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работат на терен на просторот околу Градскиот Парк и централното градско подрачје, на одржување на зеленилото и чистотата, чистење и одржување на Кејот на Реката Вардар, како и одржување и поставување на нова урбана опрема, во вид на клупи и корпи за отпадоци. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ работат на чистење и одржување на хигиената, каде изминативе денови интензивно со луѓе и механизација се чистеше просторот околу арената „Филип Втори“ и централното градско подрачје, како и миење и чистење на плоштадите во центарот на Скопје, заврши градоначалникот Коце Трајановски.