Клеменс Која: Да се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија Клеменс Која денеска изрази загриженост во врска законот за специјалното јавно обвинителство, што е предмет на разговори меѓу владејачките партии и опозицијата, како и за мандатот на СЈО. Ги повика сите партии да постигнат согласност и да се овозможи СЈО да продолжи непречено да работи.

Која во обраќањето на презентацијата на вториот преоден извештај на ОБСЕ за работата на СЈО, кажа и дека исто така е важно СЈО да продолжи да работи на независен и професионален начин.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истакна дека очекува законот за СЈО да биде донесен што е можно побрзо и да се овозможи Обвинителството да работи со проширени надлежности

Во целиот овој период од 3,5 години СЈО, посочи јанева, се обидува да остане во рамките на мандатот што му е даден, а со тоа да му овозможи на судот доволно докази за да донесе соодветни пресуди.

Јанева, меѓу другото, се осврна на наодите од извештајот, потенцирајќи дека СЈО комплетно ги дало доказите, а исто така на обвинетите дека можат да дојдат во СЈО и да ги слушнат прислушкуваните разговори, но оти никој од нив не го сторил тоа.

Забелешките ќе ги разгледаме на колегиум, рече таа, изразувајќи надеж дека во иднина ќе се почувствува разлика во нивната работа.

Извештајот на ОБСЕ се однесува на работата на СЈО од ноември 2016 до ноември 2018 година, односно набљудувачи на мисијата следеле 20 случаи на обвинителството за кои обвиненија биле поднесени пред јуни 2017 година.

Марија Лаура Фероли, офицер за владеење на правото во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, презентирајќи ги наодите и заклучоците истакна дека со цел да се намали ризикот од бегство, правната рамка за извршување на санкциите треба да биде изменета. Од ОБСЕ сметаат дека периодот помеѓу носењето на конечна и правосилна пресуда и моментот на лишување од слобода на осуденото лице да не биде прекумерно долг, упатувајќи на примерот со бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Извештајот се однесува и за времетраењето на постапките, просечната ефикасност и управување со судските процеси, за правичноста и еднаквоста на оружјата, како и за независноста и непристрасноста на судот.