Ќе се зголеми ли минималната плата во Македонија – ќе се подобри ли животот на работниците

Пратениците во македонското Собрание денеска на седница ќе расправаат за законот за минимална плата, за стечајците, за радиодифузната такса и Предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието на Република Македонија.

На денешното продолжение треба да се разгледаат Предлог законот за изменување на Законот за медицинските студии и континуираното стручно усовршување на докторите на медицина, по скратена постапка, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, по скратена постапка поднесен од пратениците од мнозинството, Предлог законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, по скратена постапка, исто така поднесен од мнозинството, Предлог законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, поднесен од пратеници од мнозинството.

На дневен ред се и Предлог законот за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, Предлог законот за издавање вредносни бонови – ваучери, сите по скратена постапка, поднесени од пратеници од опозицијата.

Пред пратениците се и Предлог законот за ратификација на Спогодбата за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија и Предлог на закон за ратификација на Договорот од Париз.