Ќе се зголеми ли минималната плата во Македонија? Бизнисмените прифаќаат да исплаќаат минималец од 12.000 денари

До крајот на годинава компаниите ќе бидат помогнати со вкупно шест милиони евра од државниот буџет за да ја исплатуваат минималната плата од 12.000 денари, а по извесен период, работодавците самите ќе треба да ги обезбедуваат средствата.

Со 1,5 милиони евра секој месец, или со вкупно шест милиони евра од државниот буџет, до крајот на оваа година, компаниите ќе бидат потпомогнати од септември да почнат да исплатуваат минимална плата од 12.000 денари. По извесен период тие самите ќе треба да ги обезбедуваат парите за плати на своите најслабо платени вработени.

Ова е предлогот на Владата за зголемување на минималецот, кој е поддржан од бизнисот, поконкретно од стопанските комори и од претставниците на работодавачите. Но, тие отвораат и дополнителни прашања кои, како што сметаат, треба да се разгледаат во процесот на креирање на законското решение. Коморите бараат новиот закон да биде дебатиран во Социјално-економскиот совет, а потоа за него да се изјаснат и тие.

Од стопанската комора на Македонија, бараат кога ќе се донесе финалното решение, Владата пред нејзините членки да го презентира начинот на кој компаниите ќе аплицираат за користење на средства за оваа мерка.

Од Комората на северозападна Македонија, пак, се убедени дека минималецот треба да се покачи.

Претседателот Неби Хоџа смета дека зголемувањето на минималецот за околу две илјади денари не е голем товар за бизнисот. Од друга страна, вели тој, со исплата на повисоки плати, ќе се покачи стандардот на работниците, ќе се зголеми нивната куповна моќ, а со тоа и потрошувачката.
Работодавците, давајќи поддршка на мерката за зголемување на минималната плата предупредуваат дека притоа може да дојде до урамниловка меѓу работниците, па како што вели претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров, постои опасност од губење на мотивација кај добрите работници и пад на продуктивноста.

Минималната плата последен пат се зголеми на почетокот на годинава, кога достигна 10.080 денари. Најавеното ново зголемување од септември е за нецели 2.000 денари, или за околу 16 проценти. Ова ќе засегне 130.000 работници, или околу 20 проценти од вкупно вработените во државата, колку што според најновите податоци од УЈП сега имаат месечни примања под 12.000 денари. Тоа значи дека од септември, кога ќе почне да се исплаќа зголемениот минималец, покачување на платата ќе добие секој петти вработен во државата.