Ќе се зголеми ли минималната плата во Македонија?

Од септември во Македонија не требаше да има ниту еден граѓанин месечно ќе работи за помалку од 12.000 денари. Такви беа најавите на владата-дека од овој месец ќе стартува примената на новиот износ на минимална плата, но Собранието навреме не ги донесе законските измени кои засегаат околу 130.000.

„Само во текстилниот сектор се вработени околу 35.000 граѓани кои до сега земаа плата од 9.000 денари и со новото зголемување до 12.000 денари би земале една третина повеќе пари“, рече Билјана Дуковска, Македонска платформа против сиромаштија.

Сепак, според Дуковска, повисоката плата не го решава системскиот проблем со високото ниво на сиромаштија. Државата мора да преземе и низа други мерки со кои ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните за да може да констатираме дека се презема нешто за да се извлечат од сиромаштијата, вели Дуковска.

„Доколку се доведеме во ситуација дека граѓаните треба да одвојат дополнително повеќе пари за превоз и за исхрана и тоа не им го гарантираат работодавачите или не постојат друг тип на поддршки, доколку треба да одвојат голем процент за да ги остават децата некаде на чување или да обезбедат повеќе пари за образование, доколку здравството изискува повеќе пари тогаш само со зголемување на минималната плата не сме направиле ништо“, додава Дуковска.

Законските измени за раст на минималната плата се на дневниот ред на утрешната собраниска седница и треба да се изгласаат по брза постапка. Власта бара поддршка на законот, опозицијата критикува дека на Владата приоритет ѝ биле кадровските смени и разрешувањето на Зврлевски.