Ќе се зголемат паушалите за ноќните дежурства за лекарите и за медицинските сестри, и тоа до 4000 денари

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со претставници на синдикатите од областа на здравството. На средбата се разговарало за мерката за зголемување на паушалите за дежурства.

-Овој вид средби ќе бидат редовна практика и во наредниот период, при реализација на активности, кои се во интерес на медицинскиот персонал. Целта е максимално вклучување на синдикатите, како и сите засегнати страни во имплементацијата на оваа, како и други мерки за унапредување на статусот на медицинскиот персонал, велат од министерството за здравство.

Претходно, министерот најави дека ќе се зголемат паушалите за ноќните дежурства за лекарите и за медицинските сестри, и тоа до 4000 денари за викенд дежурство. Според проценките исплатата треба да стартува од март, односно април.