Ќе се воведе ли директна авиолинија Скопје – Атина?

Воведување директна авиолинија Скопје – Атина за интензивирање на деловните односи меѓу Македонија и Грција, бараат стопанствениците од двете земји. Тие се залагаат и за заеднички настап на трети пазари, како и за заедничко реализирање проекти од ЕУ-фондовите.

Соработката меѓу македонските и грчките компании засега е одлична и без какви било проблеми, а најголем потенцијал за унапредување има во градежништвото, агробизнисот, преработката на овошје и зеленчук.

– Како соседни земји, потенцијалите за соработка се големи. Веќе имаме воспоставено добри економски односи со голем потенцијал за надоградување. Грција е една од петте најзначајни трговски партнери на Македонија со најголеми инвестиции во банкарството, нафтената индустрија, трговијата и текстилот, рече претседателот на Индустриска комора на Македонија при ССК Сотир Ампов.

Минатата година, додаде, е остварена трговска размена од 598 милиони евра, од кои 148 милиони извоз и 450 милиони увоз. Македонија засега најмногу извезува земјоделски култури во Грција.