Ќе се реши ли конечно сообраќајниот хаос во Скопје?

Скопје се гуши во густиот сообраќај. Ќе се поправи ли тоа некогаш? Мисли ли некој на овој проблем, се прашувавме непотребно сето ова време.

Мислеле пратениците, еве една нивна најавена активност: Делегација од Собранието ќе присуствува на студиска посета во Љубљана, Словенија, до 15 мај. Во делегацијата учествуваат претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Лилјана Затуроска, и членот на Комисијата, Мирослав Јовановиќ.

Студиското патување за одржлива урбана мобилност и планирање на сообраќајот по примерот на градот Љубљана е организирано за парламентарци од Југоисточна Европа – регион Западен Балкан, а организиранo од страна на ГИЗ Отворен регионален фонд за ЈИЕ – Енергетска ефикасност, во име на Германското федерално Министерство за економска соработка и развој. Ете надеж.

Штом пратеници ќе научат како се прави одржлива мобилност, потоа лесна работа… А може таму ќе биде и градоначалникот Шилегов… ако не биде, пратениците ќе му раскажат…

Впрочем оптимизмот го дели и самото Собрание пренесуваат медиумите: Студиското патување е од големо значење бидејќи се очекува да се разменат искуства и практични примери во врска со одржливата урбана мобилност и планирање на сообраќајот по примерот на Љубљана.