Ќе се отстрануваат привремените објекти во Ѓорче

Привремените објекти во општината Ѓорче Петров ќе бидат урнати или отстранети ако сопствениците не го сторат тоа во предвидениот рок. Станува збор за решение на локалните власти со кое се предвидува отстранување на привремените објекти што се наоѓаат на улицата Ѓорче Петров. 

Револтирани сопственици на објекти (сендвичарници, трафики...) маркирани за уривање во текот на вчерашниот ден реагираа во општината, каде што го искажаа своето незадоволство во врска со решението за отстранување.

- Привремените објекти се изградени на површини од јавен интерес и тие не подлежат на законската основа за легализација. А, според тоа, не постои основа и за нивно обесштетување. На местото на објектите предвидени за уривање треба да се реконструира пешачката патека и да се изгради велосипедска лента - објаснува Момо Николовски, портпарол на општината.