Ќе се оди по јажиња и буриња: Нова адреналинска забава за скопјани (фото)

Адреналински парк, кој ќе се состои од една централна куќа и од 14 до 18 станици по кои ќе се стигнува со одење по јажиња и буриња, е дел од проектот за новиот парк што Општината Карпош ќе го гради покрај Вардар. 

Изградбата на адреналинскиот парк кој ќе се протега на вкупна површина од 6.500 м2, се очекува да започне во мај годинава.  

Притоа, ќе биде реконструирано детското игралиште на површина од 480 м2,  скејт-паркот на 1.100 м2, ќе биде изградено ново игралиште за одбојка и фудбал на песок, а атрактивниот адреналински парк за возрасни и деца ќе биде изграден на три нивоа, кој ќе се позиционира на површина од 1.600 м2.

 Предвидено е просторот дополнително да биде облагороден со хортикултурно уредување, каде ќе бидат засадени повеќе од 100 дрвја. Ќе биде поставена и нова урбана опрема, клупи, корпи за отпадоци и лежалки за релаксација.

Планирано е да се изгради и плато за одмор со мини сквер, а во околината ќе се постават тоалети и четири дрвени куќички за продажба на безалкохолни пијалоци. Просторот ќе го осветлуваат енергетско ефикасни ЛЕД- светилки со соларни панели.