Ќе се измени ли Законот за пушење во Македонија?

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 11. седница на која треба да се дебатира по Предлог законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, по скратена постапка.

Измените се предложени од пратеници од владејачкото мнозинство, а се предвидува менување на одредбите од постојниот закон со чија примена, според предлагачите, се предизвикаа економски и социјални проблеми, односно се брише дел од еден став од законот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителскиот објект.

- Основната цел која треба да се постигне со предложените законски одредби е да се променат одредбите од постојниот закон со чија примена се предизвикаа економски и социјални проблеми. Законот чие донесување се предлага се заснова врз начелото за законитост, почитување на човековите слободи и права и гарантирање на нивно остварување, и во таа смисла правото на слободен избор на граѓанинот и стопанскиот субјект, се наведува во образложението кон Предлог - законот.

По завршување на 11. седница, пратениците ќе продолжат со работа по 35. седница на која има повеќе закони претежно во прво читање и неколку по скратена постапка, поднесени исто така од пратеници од владејачкото мнозинство.