Ќе се измени ли Законот за пушење?

Собраниската Комисија за здравство денеска ќе одржи седница на која на дневен ред е Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето по скратена постапка – второ читање, поднесен од пратеници на СДСМ и ДУИ.

Целта е бришење на дел од еден став од законот кој го дефинира просторот за пушење надвор од угостителскиот објектот. Пратеникот Томислав Тунтев на јавна расправа во Собранието минатиот месец  образложи дека не станува збор за дозволување на пушењето таму каде што е забрането или ускратување на правата на непушачите, ниту за легализација на диви објекти.

– Не размислувавме за либерализација или за укинување на кое било право на непушачите што се стекна низ годиниве со овој закон. Само сакавме да овозможиме еднакви услови за сите угостители, независно во кое место во Македонија е кафулето. Сите да имат исти услови, односно делот што е надвор од објектот, делот што е тераса, летна бавча, што е дефиниран дека мора да биде отворен од три страни и покриен или затворен од три страни или откриен, пушењето каде што и сега е дозволено, да не зависи од моменталните метеоролошки услови, рече Тунтев.

Угостителите и лекарите на расправата во декември разменија различни ставови во однос на предлогот. Лекарите сметаат дека со сегашниот закон во изминатите години е постигнато значително намалување на пушењето кај младите и дека новиот предлог ќе го прекине тој позитивен тренд. Од здруженијата за респираторни заболувања посочија дека лекувањето на пациентите од болести што се последица од пушењето е поголем товар за буџетот отколку превенцијата.

За угостителите, пак, предлогот се однесува само за период од четири месеци во кои влијаат временските услови и кога постојниот закон, според нив, се спроведува селективно од страна на инспекциите. На јавната расправа истакнаа дека не се тие што создаваат услови за пушење, туку дека треба да се работи на превентивата и да се смени свеста кај луѓето, а законот да биде балансиран – и за пушачите, и за непушачите.

Според податоците што беа презентирани,  640.000 луѓе во Македонија или 37 отсто се пушачи. Македонските граѓани се трети во светот по број на испушени цигари годишно.

Законот за заштита од пушење е донесен во 1995 и е изменуван и дополнуван осум пати.