Ќе се изготвува нов закон за работни односи – ќе се вработуваат млади лица

Владата на 53. седница ја разгледа Информацијата за можноста за изменување на Законот за работни односи во насока на кратење или елиминирање на обврската за објава на оглас за вработување, според препораките на извештајот „Doing Business 2018“ на Светска банка, со што економијата на земјава би добила поголема функционалност.

Во тој контекст, како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, Министерството за труд и социјална политика (МТСП), пак, на седницата го претставило негативното мислење за оваа мерка, бидејќи со евентуално кратење на роковите за пријавување на кандидати за работно место, ќе се доведе во прашање уставно утврденото право на секој човек, под еднакви услови да му е достапно секое работно место.

– Дополнително, во Програмата за работа на Владата за 2018 година, предвидено е изготвување на нов Закон за работните односи, на што ќе претходи анализа и ревизија на постоечките одредби во Законот. Притоа, во утврдувањето на содржината на новиот закон ќе бидат вклучени сите засегнати страни, односно организации  на работодавачи,  синдикати,  професори, судии, адвокати, како и релевантни институции, со коишто ќе се спроведат широки консултации, а ќе се направи анализа и на оправданоста на препораката на Doing Business, со цел крајниот резултат да биде закон со современи решенија и напредни трудови стандарди, стои во соопштението.

На предлог на МТСП, Владата на денешната седница ја разгледа и ја прифати информацијата со план за имплементација на Гаранција за млади (прва фаза 2018-2019 година), како и Акцискиот план за имплементација на Гаранција за млади во три пилот општини во 2018 година.

На предлог на истото министерство, Владата го усвои и акцискиот план за вработување на млади 2016-2020-та година.