Ќе се испитува дали Дрисла работела противзаконски

Надлежните најавија детални проверки на работата на „Дрисла“ во изминативе години кога депонијата беше под концесија, а за која кај голем дел од граѓаните постои загриженост дека токму оваа депонија придонесува за загадувањето на воздухот.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов неодамна посочи дека според информациите со кои располагаат опасен отпад во земјава и во „Дрисла“ не е внесен, но додаде дека тоа треба да се провери и ги повика и надлежните инстиутции и граѓанските организации да разменат доколку имаат информации за евентуални нерегуларности.

Министерството за животна средина и просторно планирање формално и нема изададено дозвола за увоз на отпад на Депонијата „Дрисла“. Увоз на отпад во РСМ заради депонирање е забранет согласно Законот за управување со отпадот, а „Дрисла“ е компанија која има дозвола за вршење дејност депонирање на отпад и затоа и не може да се јави како увозник на каков било отпад, ниту опасен, ниту неопасен, појаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

По иницијатива на Државниот инспекторат за животна средина, како што соопшти Хусни Тачи од инспекторатот, во 2017-2018 година на „Дрисла“ и била издадена казна во висина од 8.000 евра која била подмирена.

– Потоа, во депонијата беше поставен филтер. Мерењата што се извршени од кога беше поставен филтерот, покажуваат дека нема надминување на параметрите што се мерат. Во меѓувреме, лани, тие поставија и мониторинг станица 24-часовна, со што секој граѓанин има линк каде што може да ги провери емисиите во воздухот во кругот на „Дрисла“ – додаде Тачи.