Ќе се гради ново модерно училиште во Капиштец

В година Општина Центар ќе располага со речиси 25 милиони евра тежок буџет. Од него, околу 10 милиони евра се предвидени за капитални инвестиции.

Ова го предвидува нацрт-буџетот за кој вчера требаше да расправа општинскиот Совет. Значителен дел од средствата ќе бидат искористени за изградба на ново основно училиште во Капиштец, што беше проект ветен од градоначалникот Андреј Жерновски. Во кроењето на општинската каса за 2016 година, покрај Жерновски и членовите на Советот, учествувале и граѓаните преку Граѓанскиот буџетски форум на кој давале свои предлози, идеи и сугестии како да се трошат буџетските пари наредната година.

Градежното земјиште го добивме и училиштето ќе почне да се гради. До година ќе се менува фасадната столарија и ќе се прават енергетско-ефикасни фасади во училиштата ‘Димитар Миладинов‘, ‘Кирил и Методиј‘ и ‘Кочо Рацин‘. Ќе се реконструира инфраструктурата во градскиот кварт Маџир Маало, локалитетите Долно Водно и Тасино Чешмиче. Од Буџетот на Општината ќе се градат и реконструираат коловози и тротоари на локалитетот Пресвета Богородица, а ќе продолжи реконструкцијата на улицата ‘Ленинова.

Во план е од буџетот да се издвојат средства за да се овозможи бесплатно изучување на англиски јазик во основните училишта, ќе бидат обезбедени пари за лична хигиена во градинките и обезбедувањето, како и за еднодневната екскурзија за основните училишта.

Исто така од наредниот буџет ќе има ставка од која ќе се наградуваат првенец на генерација, најдобар одделенски и предметен наставник, а ќе има пари и за стипендии за млади талентирани ученици. Во план е пари од општинската каса да се потрошат и за отворање на два нови пензионерски клубови, за социјални пакети, за огревно дрво, за парична помош за лекување...