Ќе се гради нова еко населба кај Бардовци и Злокуќани

Општина Карпош ќе биде првата локална самоуправа која ќе го примени концептот за еко населба која ќе користи обновливи извори на енергија.

Целта на имплементација на овој иновативен проект е да го поддржи спроведувањето на системи за греење и ладење базирани на обновливи извори на енергија, на среден и подолг рок, како трајна супституција на традиционалниот начин на затоплување кое е и еден од изворите на контаминација на воздухот.

Во период кога загадувањето е еден од најгорливите проблеми на Општината, постои вистинска посветеност и елан, и од страна на локалната самоуправа, но и од другите засегнати страни да дојдеме до нови, современи решенија за греење и ладење.

Во овој проект е вклучен и еден од најдобрите студенти на Електро – техничкиот факултет во Скопје, Владимир Ѓоргиевски.

Имено, Ѓоргиевски ја презентираше можноста Општина Карпош да добие нова еко населба во близина на Бардовци и Злокуќани, која ќе ги применува токму овие системи за греење и ладење.

Презентацијата на оваа идеја е врз основа на претходна анализа, истражување и проект, наменски изработени за овој дел од Карпош, во партнерство со земји како Австрија, Германија и Данска.

Градоначалникот Богоев посочи дека ова е одлична шанса за Карпош, но и за Градот Скопје, да бидеме меѓу единствените во регионот кои имаат целосна енергетски – ефикасна населба. Придобивките од овие системи за греење и ладење се големи. Истите овозможуваат пониски трошоци за граѓаните, а се корисни и за целата животна средина.

Меѓудругото, ова е можност и за урбанизација на помалку развиените делови во Општината, за нивно облагородување и развој во еко зони за живеење.