Ќе се градат паркови за миленичиња во општина Аеродром

Општина Аеродром ќе гради паркови за миленичиња. Оттаму информираат дека во тек е оглас за избор на фирма што ќе изработи проект за парк за миленичиња, за што се издвоени околу 150.000 денари.

Исто така, на почетокот на април годинава ќе се распише нов оглас за избор на фирма за изведба на три паркови за миленичиња на територијата на општината за што веќе се издвоени 1,5 милиони денари.

– Распишан е и оглас за избор на фирма што ќе изработи основен проект за хортикултурно и партерно уредување на паркот во Мичурин, во истоимената населба. Околу 800.000 денари се издвоени за подготовка на неопходната проектна документација. Заинтересираните фирми ќе имаат рок до 8 февруари за да ги достават понудите за учество во распишаната постапка. По изготвувањето на проектната документација, кон крајот на март, почеток на април ќе се распише оглас за избор на фирма за изведба на идното парковско зеленило, за што се издвоени околу 8 милиони денари. Зеленилото ќе се простира на земјиште со површина од 3.573 квадратни метри, кое е лоцирано на улицата “Анастас Митрев” – велат од локалната самоуправа.

На жителите од населбата Мичурин веќе подолг временски период им се ветува изградба на нов парк. Претходното општинско раководство ја промовираше изградбата на овој проект уште од 2015 година, но не го реализираше ветениот парк.

Освен предвиденото уредување на паркот во населбата Мичурин и изградбата на паркови за миленичиња, периодов ќе се утврдуваат дополнителни локации за обновување и дополнување на зеленило.

– Општина Аеродром има предвидено околу 8 милиони денари за набавка на садници и поради тоа овој период изготвува план за дополнување на постојните дрвореди и садење нови дрвја, односно обновување на блоковското зеленило на целата територија на Општината, во соработка со Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило”. Дрвјата ќе се садат во пролетниот и есенскиот период, во зависност од видот на садници. Јавната набавка за планираните садници ќе се спроведе во текот на април/мај 2018 година – истакнуваат од општина Аеродром.