Ќе се градат голф терени во скопско Зелениково

Општина Зелениково објави оглас за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба, оперирање, управување и одржување на спортско – рекреативен центар за голф терени и пропратни содржини. Идниот приватен партнер треба да инвестира во идниот спортски комплекс, кој ќе премине под негово раководство во временски период од 30 години. Локалната самоуправа проценила дека издигнувањето на целокупното здание би чинело 70.226.864 денари, без вкалкулиран ДДВ.

При селекцијата на доставените понуди, Општина Зелениково ќе ја рангира секоја од компаниите врз основа на три критериуми. За понудената висина на годишен концесиски надомест се доделуваат максимум 40 бода, додека бројот на вработувања и бројот на легла во сместувачките капацитети ќе носат по 30 бода. Компаниите што имаат интерес да учествуваат во една ваква инвестиција треба да ги поднесат своите понуди најдоцна до 9 мај.

Идејата за изградба на голф терени во скопско Зелениково потекна од македонската влада уште пред неколку години. Нејзините планови беа на овој потег да се изгради спортски комплекс од 65 хектари. Во насока на реализација на зафатот, македонската влада лани подготви физибилити студија за оценка на оправданоста од избор на приватен партнер за проектот.