Ќе се дополнува сетот мерки против аерозагадувањето

Во борбата за намалување на загадениот воздух, надлежните ќе вклучат и нови мерки кои ќе бидат надополнување на сегашниот сет интервентни мерки кои стапија во сила од завчера претпладне.

За какви дополнителни мерки станува збор, владиниот портпарол, Миле Бошњаковски вели дека нема прецизни информации. Тој напомена дека интервентните мерки се обврзувачки за сите институции, а досегашниот мониторинг покажал дека институциите одговорно се однесуваат во примената на мерките.

– Ова се интервентни мерки што ја ублажуваат моментната состојба и тие не се конечно решение за проблемот со аерозагадувањето. Конечно решение е подолг процес и постојат мерки и на среднорочен и на долгорочен план. Потребно е очигледно повеќе време додека дојдеме до фаза во која ќе имаме конечно решение на проблемот – рече Бошњаковски.

Во текот на претходните два-три дена во Скопје на три мерни места кај Ректорат, Лисиче и во Гази Баба вредностите на ПМ10 честичките го надминаа прагот од 200 микрограми на кубен метар во два последователни денови.

Меѓу мерките се ослободување од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Во сила е и бесплатниот јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници. Прекинати се сите градежни активности на градилиштата, што се под надлежност на градот.