Ќе почне ли Град Скопје со присилна наплата за фирмарина и данок на имот?

Град Скопје информира дека во согласност со одредбите за присилна наплата од Законот за даноците на имот, почнува постапка за присилна наплата на неплатените обврски по основ на годишниот данок на имот и комунална такса за фирмарина за 2018 година.

Во март Град Скопје испрати опомени за неплатен данок на имот и комунална такса за фирмарина до сите правни и физички лица кои поседуваат недвижен имот и вршат дејност на територија на Град Скопје. Од причина што рокот во којшто требаше да се изврши наплатата на заостанатиот долг по доставената опомена е поминат, на неплатените обврски по основ на годишниот данок на имот и комунална такса за фирмарина за 2018 година, Град Скопје изготви решенија за присилна наплата кои ќе бидат доставени до даночните, односно таксените обврзници, се вели во соопштението.

Градските власти им укажуваат на сите даночни и таксени обврзници кои по некои основи имаат заостанати и неплатени долгови да ги подмират.

„Доколку по добивањето на ваквото решение не го подмират долгот ќе се изготви решение за блокада на сметките на обврзниците по банки“, стои во соопштението од Град Скопје.