Ќе опстане ли државната Детска Кардиохирургија?

Виси ли дозволата за работа за детска кардиохирургија во клиничката болницата на Жан Митрев? Во март годината оваа приватна установа добила дозвола од Министерството за здравство за операции на срце кај бебиња бидејќи во тимот имало лиценциран детски кардиохирург. Но по оставката на Чадиковски нема одговор како и кој ќе ги прави овие хируршки интервенции.

Здравствените власти засега молчат, а од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кои вчера направиле вонреден надзор во болницата на Митрев, не пронашле никакви неправилности.

При надзорот е констатирано дека здравствената дејност во ПЗУ Клиничка болница ЖАН МИТРЕВ Скопје се врши согласно Решението за дозвола за вршење дејност издадено од Министерство за здравство, велат од ДСЗИ.

Од Инспекторатот за подетални одговори упатуваат во Министерството за здравство, од каде пак не соопштуваат јавно што содржи решението за дозвола за детска кардиохирургија. Молчат и од Фондот за здравствено осигурување. Не добивме одговор од оваа институција каков договор имаат со болницата на Митрев и колку пари исплатиле досега. Но затоа сопственикот на приватната болница ја поздрави иницијативата на Антикорупциска комисија за испитување на случајот со детска кардиохирургија.

Клиниката е отворена за соработка за обезбедување на сите потребни информации и документи кои ќе бидат потребни за утврдување на вистината, велат од Клиничката болница Жан Митрев.

Вчера антикорупционерите најавија дека ќе проверат дали е законска лиценцата на болницата на Митрев за операции на срце кај бебиња.

-Ќе бараме документи. Да утврдиме дали постапката за доделување на лиценцата за вршење на дејноста од областа детска кардиохирургија на специјализираната болница е спроведена согласно одредбите од законот. И со тоа што Чадиковски даде отказ дали има услови за прогласување едностран раскин на лиценцата поради губење економски, технички или оперативни способни потребни за вршење на дејноста, изјави Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.

И додека антикорупциска истражува, освен Чадиковски, болницата на Митрев ја напуштија уште 4 доктори кои се дел од тимот што на почетокот на годината ја напуштија Клиниката за детска хирургија за во добри услови и на товар на фондот да прават операции на срце кај бебиња.