Ќе нема исклучување на струја и вода: Регулаторна преговара за рати за режиските трошоци

Регулаторна комисија за енергетика ја известува јавноста дека останува во сила препораката што пред две недели ја упатиле до компаниите кои што се вршители на енергетски дејности, како и до јавните претпријатија што се даватели на водни услуги  поради состојбата со пандемијата КОВИД-19 да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична енергија,  топлинска енергија и вода поради неплатени сметки додека трае вонредната состојба.

„Практично со ова известување сакам да им соопштам на граѓаните да бидат сигурни дека нема да има исклучување од струја, парно и вода додека вонредната состојба е на сила. Во исто време сакам да изразам благодарност до компаниите и јавните претпријатија чие работење е под надлежност на РКЕ кои  веднаш позитивно одговорија на препораката и во овој период покажуваат солидарност и општествена одговорност кон потрошувачите“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Регулаторната комисија за енергетика е во разговори со компаниите да се изнајде најдобар модел за плаќање на сметките за режиски трошоци за март, април и мај, се со цел да не им бидат на товар на потрошувачите. По постигнување на договор за конечниот модел ќе биде информирана јавноста.