Ќе јадеме ли поевтини сувомеснати производи од наредниот месец?

Преработувачите и производителите на свинско месо и преработки од месо од 1-ви октомври годинава нема да плаќаат царина за увоз на замрзнато свинско месо за преработка.

Со примена на оваа предлог-мерка на Владата за укинување на царината за свинското смрзнато месо за преработка се очекува домашната месна индустрија да стане поконкурентна на домашниот пазар и да почне да ги користи сопствените капацитети во целост.

Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство во Република Македонија се регистрирани 50 објекти за преработка на месо, од кои 12 веќе не работат. Од 38-те капацитети кои се уште работат, 15 капацитети се регистрирани за производство на полутрајни и трајни производи со капацитет од 45.000 тони на годишно ниво.

Со преработка на 11.500 тони месо минатата година, можниот капацитет за производство на полутрајни и трајни преработки од месо од 45.000 тони, се користи само 28 отсто. Од вкупно преработената количина на месо само 1.700 тони, или само 15 отсто е од домашно потекло, а останатото е од увоз.