Ќе има ли евтина дневна струја?

Секретаријатот на Енергетска заедница (ЕЗ) со седиште во Виена даде зелено светло за воведување на евтината дневна тарифа за струја за домаќинствата во Македонија.

Како што информираат од Владата, за овие новини информирал заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања на последната седница, кој укажал дека на одржаниот состанок во Секретаријатот на Енергетска заедница во Виена на 9 август, годинава било согледано дека законот за воведување евтина тарифа во снабдувањето со електрична енергија треба да биде ставен во приоритетните закони. Според него, ЕЗ напоменала дека нема пречки евтината да биде имплементирана во Македонија.

За да се реализира ова, неопходна е измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи, затоа Владата веќе и даде препорака на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија да ги вклучи во разговорите на оваа тема и претставници на ЕВН Македонија, Министерство за економија.

Владата е убедена дека со оваа одлука ќе се направи голем исчекор кон подобрување на економската состојба на граѓаните на Република Македонија, а истовремено ќе се поттикне домаќинско работење во јавните претпријатија.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев веке неколку пати најави дека се прават подготовки од октомври да се врати евтината тарифа на струја преку ден.

На оваа тема зборуваше и првиот човек на Европската Енергетска заедница, Јанез Копач, кога претстојуваше во земјава. Тој тогаш кажа дека мерката не е во спротивност со европските правила, но само ако е привремена и насочена кон социјално ранливите категории.

Од дистрибутерот ЕВН велат дека приспособувањето на броилата ќе зависи од моделот на имплементација на евтината тарифа. Посочуваат дека станува збор за краткорочна транзициона мерка што ќе биде на сила додека целосно не се отвори пазарот на струја.

Истовремено Енергетската заедница очекува новата влада да ги одмрзне енергетските реформи меѓу кои и да го забрза процесот на отворање на пазарот на електрична енергија, што претходната влада го одложи до 2020 година за кога секое домаќинство ќе може да одлучи од каде ќе купува струја.

Вицепремерот Анѓушев посочи дека постојат модели како тоа да се спроведе, но се уште не е прецизирана динамиката.

-Либерализацијата мора да продолжи и главните победници ќе бидат пред се, малите и средните фирми што се оптоварени со големи обврски за субвенционирање на другите сектори - изјави неодамна Копач.

Покрај враќањето на дневната евтина тарифа и Законот за енергетика треба да биде меѓу приоритетните во следниот период. Истовремено на предлог на Комисијата за економски систем и тековна економска политика, Владата го разгледа и Извештајот за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2016 година.

Таа го утврди мислењето врз основа на заедничкото мислење што Министерството за економија ќе го подготви во соработка со Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, при што да се имаат предвид поединечните мислења на Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство. Ова мислење понатаму ќе се достави во понатамошна процедура во Собранието на Република Македонија.

Од први јули годинава со одлука на Регулаторната комисија за енергетика сметките за електрична енергија се пониски за 0,25 проценти. Според регулаторите новата цена ќе се применува една година, односно до први јули 2018 година.