Кирил Џајковски и Џамбо Агуше ќе го зачинат Вевчанскиот карневал

Театарот на отворено, Вевчани и годинава од 12 до 14 јануари традиционално ќе ја одбележи православната Нова година со карневалска магија на која нејзините жители пред граѓаните на Македонија и светот ќе ја претстават целата своја креативност кога маските се во прашање. Вевчани и овојпат ќе биде центар на сатирата за настаните што ја одбележаа минатата година, но и центар во кој ќе има многу музика.

Според градоначалникот Сашо Јанкоски, најстариот карневал со најдолга традиција во Македонија во регионот, со кој се слави доаѓањето на новата година по стариот календар, ќе почне на 12 јануари, кога ќе настапат групите Плуто’с Доубтс, Фолтин и диџејот Кирил Џајковски. Во пресрет на Стара нова година, на 13 јануари, во 13 часот е дефилето на маски, а вечерта пред присутните ќе настапат Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска. Кулминација на карневалот, пак, е на 14 јануари со василичарско оро под маски, а ќе заврши напладне со традиционалното палење на маските.

“Учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат. Бидејќи ќе се случува за викенд, очекуваме многу посетители. Ги поканувам сите што имаат желба да дојдат во Вевчани заедно да му се радуваме на животот и да ја пречекаме Старата нова година#, истакнува градоначалникот Јанкоски.

Симун Лешоски, пак, вевчанскиот уметник кој истовремено е и автор на дизајнот за пасошот на Република Вевчани и на вевчанските банкноти – личници, истакна дека карневалот има традиција од 1.400 години.

“Вевчани не е село, Вевчани не е град, не е ниту Република. Вевчани е приказна за себе во која главната улога е карневалот – тотален театар и тотална слобода. Никој нема и не може да има влијание на идејата на креаторот на маската. Такви ингеренции нема ниту градоначалникот и, дури и да има таков обид, кога се смета дека маската е можеби навредувачка поради нешто, ефектот би бил спротивен. Тоа е пркосот на Вевчанци”, вели Лешоски.

Тој додава дека карневалот годишно го посетуваат над 10.000 посетители. Зетот и Невестата се главните ликови-маски на карневалот кои, ноќта меѓу 13 и 14 јануари да ги посетат сите куќи на Вевчани, за да соберат пари што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат”, истакна Лешоски.

Министерот Алаѓозовски вчера на шега истакна дека деновиве во неговата канцеларија го посетил градоначалникот на Вевчани нудејќи му како “поткуп” од нивните вевчански пари. “Со задоволство си дозволив да бидам поткупен”, истакна Алаѓозовски на прес конференција на која беше најавен настанот, додавајќи дека Вевчанскиот карневалот е уникатен по тоа што успева народните традиции да ги спои со една отворена критичка култура која што Вевчанци ја негуваат.

“Овој фестивал има и огромен потенцијал да го развие и руралниот и културниот туризам. Во таа насока сакаме да го видиме идниот развој на фестивалот. Министерство за култура ќе продолжи да го поддржува карневалот”. Вевчанскиот карневал според Министерот за култура Роберт Алаѓозовски е бренд на Република Македонија, а вевчанскиот пасош вели, го добил уште пред неколку години.