Кината во градот Скопје во периодот меѓу двете светски војни, претставувале најинтересна и најомилена забава на скопјани.

Со појавата на тонскиот филм, кината во градот биле максимално посетени. Постоела големата реклама и комерцијална основа за прикажување на тонски филмови, но тие  не нуделе ни технички, ни содржински квалитет.  Немите филмови, според критичарите, биле ремек дела  во споредба со тонските филмови. 

Но, сепак, соединувањето на музиката и говорот во филмот претставувало своевремена сензација за човештвото.

 Во периодот   1923-1925 год. во градот постоеле три кина - “Балкан” “Вардар” и “Зрински”.

 Во големата сала на кафеаната “Зрински” секоја вечер, во зимскиот период, се прожектирале  филмови, а во летниот период во бавчата.  Филмовите кои се прикажувале во киното”Зрински” биле од продукција на познати светски филмски продукциски куќи. Во 1926 год. во голем пожар изгорела кафеаната и киното “Зрински”. 

 Во 1925 год. во состав на кафе “Аполо” кое се наоѓало на плоштадот Крал Петар, било отворено ново кино  кое во однос на опремата било посовремено. Киното “Аполо” имало ложи со седишта кои биле нумерирани, а  салата била поделена на прв и втор дел. Во ова кино најстрого било забрането служење на пијалаци и храна, но затоа, во холот имало бифе. Киното во летните месеци ја прикажувало филмската програма на “венецијанската” тераса. 

Киното “Аполо” изгорело во 1930 год.,  а на неговото место било отворено ново кино - “Корзо”. Во 1932 год. освен киното “Корзо” било  отворено и  летното кино “Граѓанска касина” во бавчата на “Каламарас” во Пајко маало. 

Киното”Балкан” прикажувало филмови од германска, англиска и француска продукција, но се прикажувале и шпански филмови. Филмовите биле прикажувани  во кино-салата  и во бавчата на ресторанот “Балкан”. 

Во филмската сезона 1934 год. биле прикажувани филмови од европска и американска продукција и најнови филмски журнали од продукцијата на “Paramount”. Новина претставувале и цртаните филмови со Мики Маус кои биле во боја. 

Во киното биле прикажувани и драми,  музички дела со оперски пејачи,  духовни и забавни оперети,  комедии и др.

Во 1936 год. скопското кина “Балкан” го презеле Богдан Арацки и Алберт Камхи  кој во градот бил познат под името Ганди. Киното го воделе со успех и се труделе да емитуваат најдобри филмови со најпознати глумци, а публиката била многу задоволна. Стручноста и апсолутното познавање на работата на Камхи, била сигурна гаранција за посетеност на киното. 

Во салата на киното “Балкан”, по  завршувањето на филмските проекции,  се приредувале игранки.            

Киното ”Вардар” се наоѓало до киното “Балкан”, чија дирекција со својата реклама во скопските весници ветувала  најдобри и најнови филмови. На програмата биле прикажувани тонски филмови кои не биле разбирливи за голем дел од гледачите, со гласна музика и дијалози на германски и англиски јазик.  Во 1930 година, во новото кино “Вардар” била одржана првата проекција на првиот тонски филм “Дама од тротоарот”. 

Посетата на кината била голема поради  љубопитноста  и желбата за нешто ново.

Трите кина  кои работеле во текот на 1930 год., на својата програма  прикажувале тонски филмови, но со примитивни почетни облици.

Киното”Капитол” било сместено во Кранговата палата и било сопственост на Мандил. Репертоарот на киното  бил  со  филмови од подобар квалитет, поради склучениот договор со светската фирма “Paramount”. 

Во 1932 година, во Скопје било изградено и киното “Авала”. 

Киното “Уранија” се наоѓало  зад киното “Вардар”. Во 1938 год. го изградиле  Никифор Костиќ и Дича Филота. За набавка на најмодерна кино-апаратура, “Ернеманд 2”, од германско производство, вложиле 80 златни наполеони, а опремата била набавена од Виена. За монтирање на кино-апаратурата биле ангажирани двајца кино-оператори од Австрија.

Киното било верифицирано  од  инспекторот на тогашна “Југославија-филм”, Роберт Кодман. Филмовите ги набавувале во лиценцните претставништва на “Метро - Голдвин  Маер”,”Уфа”, Парамаунт” и “Твенти сенчери фокс”.

Пред секоја проекција на неми филмови, пред киното имало мал ритуал: свирела плех-музика, а гледачите стоеле пред “луксовите” или пред газиените лампи,  додека еден говорник ја читал содржината на филмот. Истото се повторувало и во салата, за време на долгите паузи кога се менувале лентите.