Кејот „13 Ноември“ стана прометна улица и луксузен паркинг во ладовина

Рампата поставена на најпопуларното градско шеталиште, кејот „13 Ноември“ , до ГТЦ , никој не ја есапи па кејот се претвори во прометна улица и луксузен паркинг под дебелите сенки под дрвјата пред угостителските објекти. Иако минатата градска управа утврди дека дел од кејот ќе биде и во функција на пристапна улица со ограничен сообраќаен режим, каде што има рампа и паркинг за пристап на угостителските објекти за дотур на стока, како и за дел од објектите на ГТЦ и „Македонски телеком“, тоа веќе одамна не важи. Рампата се заобиколува, се крева по сечија потреба па на шеталиштето најмалку има шетачи кои би требало да уживаат во градот, реката и ладовината.

- Пред десетина години кејот беше синоним за градот. Прошетките тука беа еден вид традиција за сите кои живеат во Скопје но и за сите што доаѓаа да го посетат централното градско јадро. Сега кога конечно имаме повеќе странски туристи ние наместо да им обезбедиме пријатен престој и да ги натераме да седнат во околните локали во мир и тишина, ги трауматизираме со сообраќај, бучава и загаден воздух во самиот строг центар. Ова во ниту една современа земја го нема – ни вели Александар К. вработен во еден од локалите во ГТЦ.

Од градот велат дека работат на тоа да најдат решение за проблемот и ќе го направат тоа во соработка со Министерството за внатрешни работи и општината Центар.

– Градот Скопје, во соработка со МВР и општината Центар, како и сите субјекти што се инволвирани во оваа состојба, работат на наоѓање решение за проблемот. Станува збор за комплексно прашање, бидејќи истата таа е пристапна улица со ограничен сообраќаен режим, каде што има рампа и паркинг за пристап на угостителските објекти за дотур на стока, како и за дел од објектите на ГТЦ и „Македонски телеком“.

Деновиве беше регистрирано кршење на дел од заштитните столпчињата што пак завчера создаде поголем метеж. Од општината Центар, пак, велат дека се запознаени со проблемот и веќе работат на наоѓање решение, иако проблемот не е нов, и трае со години.